Во новото издание на „Нешто конкретно“ разговараме за тоа што значи титулата во денешно време, ако порано се знаело што значи да се биде татко, столб на семејството, ако се знаело дека кога тато одмара не смее да се писне дома, дека тато не чисти по дома и оти како ќе каже тато така мора да биде, дали денеска правилата останале исти или сепак нешто се сменило? На гости ни дојдоа млади и некои помлади татковци кои што ќе зборуваат за своите искуства како такви, а тоа се Никола Перевски Пере, Кристијан Станковски Бомбакис, Иван Јованов и Филип Пешевски. Кога еден татко ќе добие женско дете го викаат уметник, а кога ќе добие машко дете е мајстор, ние ги имаме и двете врсти на татковци. Филип Пешевски за себе ќе каже дека е веле-мајстор затоа што син има, а за еден месец ја чека и ќеркичката. На Пере му се паднало цел живот да работи за улошки, тој има четири прекрасни девојчиња и зборува дека енергијата што ја добива од сите нив е фантастична. Како најубави моменти од својот живот тој ги опиша моментите на доаѓањето на неговите деца на овој свет. Бомбакис се уште се нема навикнато дека е татко, тој е тазе во оваа улога и вели дека ќе се навикне на тоа само кога ќе ја слушне ќеркичката да му рече тато. Ќерката ја крстил Бисера по истоимената песна по негова желба, неговата тогашна девојка, сега сопруга, била свесна дека нема отстапување за името. Иван Јованов е благодарен што неговата желба првото дете да биде женско му се оствари, таа се вика Ниа, а пејачот најави дека ќе оди на три деца. Ќе прашаме и кога било полесно да си татко, сега или во минатото, кога татковите создавале поуспешни генерации и дали ако е „жена, мајка, кралица“ може да биде и „мажи, татковци и кралеви“. Гледајте го најновото издание од „Нешто конкретно“ со Снеже Велков веќе и на нашиот Youtube канал.