Осветување на Храмот на Пресвета Богородица во с. Ростуше

 

Наплив на славословие, благодарност и ликување ги обзема душите на Православните во Река, но и пошироко, затоа што станавме сведоци на исклучителните благослови Божји што вчера и денес се излеаја во славното мијачко село, чиешто име значи токму тоа – радост на душата! А и како да не биде радост на богољубивите души, кога тоа село со векови било сместувалиште на велелепни храмови на Онаа Која со самата своја појава го израдува светот и со своето раѓање му донесе спасение на човештвото? Пресвета Богородица. С`e што е поврзано со тоа пресвето име носи само радост, утеха, милостивост, сладост, спокој и блаженство. Кога само спомнувањето на Нејзиното име внесува во нас такво умиление, колку ли повеќе, пак, Самата Таа, Царицата на Ангелите, ги радува верните кога се стројат храмови во нејзина чест и слава! И ете, на токму такво величествено и свештено дело станавме сведоци и ние, со изградбата и осветувањето на нејзиниот свет и сечесен храм во с. Ростуше, кој заблеска како бесценет дијамант среде Река, красејќи го с. Ростуше и Радичката клисура со неовоземна убавина. Овој Храм на Мајката Божја веќе стана сведок на рајските убавини, дотолку повеќе што беше граден со синовска посветеност и љубов од нашиот сакан Старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, кој со помош на благочестивите Христијани од с. Ростуше и на бројните богољубиви дарители, камен по камен, фреска по фреска, икона по икона, го обмислуваше и строеше овој Богородичен бисер во Мијачијата. Чинот на осветувањето, што го изврши Митрополитот г. Тимотеј, во сослужение со Митрополитот г. Јосиф, нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, архимандрити и јеромонаси од Обителта, како и архиерејскиот намесник од Дебар о. Миле Ангелковски, јерејот Горан Ставревски од Охрид и протоѓаконот Никола Ѓурчиновски. Во присуство на големото мноштво верни, пристигнати од секаде, среде кои беа и почесните гости: министерот за надворешни работи г. Оливер Спасов, градоначалникот на општина Маврово Ростуше г. Медат Куртовски, директорот на НП Маврово г. Самир Ајдини, пратеничката во Собранието и воедно претседател на ЛДП г-ца Моника Зајкова и др., свечената поворка три пати го заобиколи храмот, издигнувајќи ги кон небото своите скромни молитви, за Бог и Неговата преблага Мајка да погледнат милостиво на овој свет храм и да ги благослови сите оние што со вера ќе влегуваат во него.