Еве шеста година откако се обнови во полн сјај прекрасната струшка традиција, т.е празничната еордија, воспоставена уште пред неколку века, според која после ктиторската вечерна, на која им се оддава чест на ктиторите на црквата и големите духовни водачи на Струга, побожните стружани излегуваат на свечена литија низ градот, носејќи ја чудотворната икона на св. Георгиј. Овие три години Струга ја доживеа радоста да ги пречека, да им биде домаќин на светите мошти на Великомаченикот од манастирот во Рајчица и да се насладува од благодатта и чудесното благоухание кое неискажливо се шири од мироточивите мошти и им носи голем благослов на жителите од овој славен град. И како што полека меѓу побожните граѓани се ширеше веста за моштите, така секоја година с`e повеќе се зголемуваше бројот на оние кои сакаа да го споделат торжеството на литијата. Но дури и ние бевме изненадени од она што се случуваше денес во градот на мостовите. Струга воскресна во вистинска смисла на зборот. Улиците беа навистина претесни за онаа огромна толпа народ, која со озарени лица и воскресна радост ги следеше моштите, а не мал беше и бројот на оние што стоеја од обете страни и со голема почит се поклонуваа на иконата и моштите. И секако тука беа и најмалите со своите празнични знаменца и кошници полни цвеќе. Чиниш за миг застана она гратско секојдневие и с`e се претвори во едно непрестано славословие кон Милостивиот Бог и Неговиот славен светија, поборникот на православните. Камера -Томе и Кристијан Љушеви Фотографија - Лара Љушева Монтажа - Љушев Томе Shpanec Production